Skip to main content
Свет

Руски дипломат: Москва би можела да склучи договор за ненапаѓање со земјите членки на НАТО

11/11/2026  21:45

Високиот руски дипломат Алексеј Дробинин, на денешната безбедносната конференција во Москва, истакна дека Русија би можела да склучи договори за ненапаѓање со земјите членки на НАТО, како дел од новата безбедносна архитектура што се дискутира во мировните преговори за војната во Украина.

Тој наведе дека има три опции, а првата е  колективен одбранбен сојуз или билатерални договори за меѓусебна помош како оние што Русија ги има со Белорусија и Северна Кореја.

Втората опција вклучува политички договори за да не им се помага на ривалите во случај на агресија, слична на договорот што Москва го има со Иран. А третата опција што ја презентираше се однесува на билатерални договори за ненапаѓање.

– На пример, договори од ваков вид би можеле да се постигнат, меѓу другото, со поединечни земји членки на НАТО, кои потоа би добиле, на пример, дополнителни индивидуални безбедносни гаранции од Руската Федерација, посочи Дробинин.

Некои европски политичари се спротивставуваат на каква било дискусија за безбедносната архитектура на Европа тврдејќи дека прво мора да се постигне напредок во Украина, вклучително и прекин на огнот. Американските претставници јасно ставија до знаење дека се отворени за таква дискусија.

Главниот руски преговарач Владимир Медински изјави дека на дводневните разговори во Абу Даби се разговарало и за безбедносна рамка во Европа.