
Репрезентациите на Иран и Нов Зеланд одиграа возбудлив натпревар кој заврши без победник (2:2) во рамките на Светското првенство во Лос Анџелес. Иако Нов Зеланд двапати имаше предност, Иран секојпат успеа да се врати и на крајот да освои важен бод. Натпреварот, сепак, беше засенет од протестите што се одржаа пред стадионот против иранските власти.
Иран прв се закани уште во шестата минута, кога Арија Јусефи се најде во добра позиција, но неговиот удар беше одбранет. Само минута подоцна следуваше казна – Крис Вуд одлично ја задржа топката и му асистираше на Елиас Џаст, кој силно шутираше и донесе водство од 1:0 за Нов Зеланд.
Новозеланѓаните продолжија со офанзивна игра, а Вуд беше постојана опасност за противничката одбрана. Иран најблиску до израмнување беше во 23. минута, кога Мехди Тареми ја погоди стативата.
Израмнувањето пристигна во 32. минута. По одбиен удар на Моганлу, топката стигна до Рамин Резаеиан, кој прецизно ја испрати во мрежата за 1:1. Во финишот на првото полувреме, Иран постигна уште еден гол преку Немати, но тој беше поништен поради офсајд.
Во второто полувреме повторно подобро отвори Нов Зеланд. Во 54. минута, Крис Вуд и Елиас Џаст одиграа одлична двојна комбинација, а Џаст го постигна својот втор погодок за ново водство од 2:1.
Иранците не се откажаа и десет минути подоцна повторно го израмнија резултатот. Рамин Резаеиан испрати прецизен центаршут од десната страна, а Мохамед Мохеби со удар со глава, од стативата, ја затресе мрежата за конечни 2:2.
До крајот двете селекции имаа свои шанси за победа, но резултатот остана непроменет, па двата тима ги поделија бодовите.
Неколку часа пред почетокот на натпреварот, пред стадионот во Лос Анџелес се собраа меѓу 300 и 500 демонстранти кои протестираа против иранската влада. Дел од нив порачаа дека нема да присуствуваат на натпреварот бидејќи тоа би го сметале за поддршка на режимот, додека други најавија дека ќе внесат протестни симболи и предреволуционерни ирански знамиња на трибините.
Навивачите беа видно поделени. Дел од нив отворено изразија незадоволство од актуелната власт во Иран, додека други повикаа политиката да остане надвор од спортот и порачаа дека се дојдени единствено да ја поддржат својата репрезентација. Спортскиот спектакл така доби и силна политичка димензија, која беше речиси подеднакво во фокусот како и случувањата на теренот.



