Skip to main content
Македонија

Имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови права во фокусот на дебатата во Талин

27/05/2026  20:14

Една од точките на дневниот ред на Комисијата за правни прашања и човекови права, која се одржува во Талин и на која учествува пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска, беше спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Во воведниот меморандум на оваа тема се најавува обновен фокус на подобрување на спроведувањето на пресудите донесени од Европскиот суд за човекови права, и се нагласува дека овие пресуди имаат директно влијание врз правдата, демократијата и борбата против корупцијата низ цела Европа. Во меморандумот, исто така, се подвлекува дека особено внимание ќе се посвети на реформите што можат систематски да го подобрат почитувањето на пресудите на Судот. Клучен приоритет ќе биде поттикнување на посилно ангажирање од страна на Европската Унија во поддршката на напорите за имплементација низ земјите членки.

Во дебатата учествуваше и Рамуте Ремезаите, виш консултант во Европскиот центар за застапување на човекови права, потпретседател на Европската мрежа за имплементација на пресудите, а пратеничката Костадиновска-Стојчевска  запраша ако за земји кандидати веќе има контролен механизам за да се следи имплементацијата на пресудите, каков механизам треба да се развие или би требало да се развие за земјите членки да почнат да ги имплементираат пресудите. Одговорот беше дека пресудите се важни за жртвите бидејќи тие добиваат признание за кршење на нивните права, но и дека имплементацијата на пресудите ја покажува и колективната одговорност и е еден вид тест за земјите членки, како и дека Комитетот на министрите има на располагање механизми кои можат да се искристат со цел земјите членки да ги спроведуваат пресудите. 

Дебатата заврши со потврдување на важноста од претворање на пресудите на Судот во значајни реформи што ги штитат човековите права, ги зајакнуваат демократските институции и ја промовираат правдата низ цела Европа.