Skip to main content
Свет

Идентификуван напаѓачот од училиштето во Турција

14/04/2026  17:59

Деветнаесетгодишниот Омер Кет е идентификуван како напаѓачот кој отвори оган во средното стручно и техничко училиште „Ахмет Којунџу“ во населбата Сиверек, во турската област Шанлиурфа, по што си го одзеде животот.

Според информациите на турските медиуми, станува збор за поранешен ученик на училиштето, кој го напуштил образованието по деветто одделение и продолжил во отворена програма за средно образование. Пред нападот, тој наводно објавувал заканувачки пораки на социјалните мрежи, најавувајќи дека „за неколку дена ќе има напад врз училиштето“.

Очевидци раскажуваат дека младиот напаѓач влегол во училишниот двор со пушка и започнал да пука, по што отворил оган и кон самата зграда. Според нивните сведоштва, паниката била огромна, а дел од учениците се обиделе да се спасат скокајќи од прозорците.

Во текот на интервенцијата, напаѓачот се забарикадирал во училиштето. По неуспешни преговори со безбедносните сили, тој извршил самоубиство.

Во инцидентот се повредени вкупно 16 лица, меѓу кои ученици, наставници, полицаец и вработен во училиштето. Повредените се пренесени во болници, а дел од нив се со умерени повреди.

Гувернерот на регионот потврди дека напаѓачот немал претходно криминално досие и дека училиштето претходно било оценето како безбедно. Надлежните институции веќе покренаа истрага, додека мотивот за нападот засега останува непознат.

Според медиумите, вакви напади во образовни институции во Турција се ретки, што дополнително ја зголеми загриженоста во јавноста.