Skip to main content
Македонија

Христовски по предупредувањето на САД: Ризикот е низок, службите ја следат можноста за поединечни напади

17/11/2026  16:05

Ризикот од терористички акти во Македонија останува низок, изјави директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, откако американските амбасади во Бугарија и Косово ги повикаа своите државјани во Европа да бидат повнимателни на јавните собири во пресрет на божиќните и новогодишните празници.

Христовски рече дека процената за Македонија останува на исто ниво подолг период, и покрај глобалниот тренд на зголемување на ризикот од тероризам и насилен екстремизам. Тој посочи дека и натаму постои можност за поединечни акти на насилство од лица што дејствуваат самостојно, познати како „волци самотници“. Според него, АНБ заедно со МВР и Бирото за јавна безбедност ги следи ваквите ризици и презема превентивни мерки во рамките на своите надлежности.

Американското предупредување се однесува на цела Европа. Во него се наведува дека за време на празничната сезона големите собири и јавните настани може да бидат цел на организирани групи или на поединци што дејствуваат самостојно. Американските државјани се повикани да бидат внимателни на фреквентни јавни места, да ги следат локалните вести и да ги почитуваат упатствата на надлежните служби.