Skip to main content
Магазин

„Хонда џез“ е најсигурниот половен автомобил

04/02/2025  11:42

„Хонда џез“ останува на врвот на листата на најбезбедни половни автомобили за 2024 година, покажуваат податоците на британската компанија „Варанти солушнс груп“ (Warranti Solutions Group).

Наодите се засноваат на примерок од 5.000 барања за поправка на возила платени од компанијата во периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година, за сите класи половни автомобили.

За пореална анализа, истражувањето ги исклучи сите модели со помалку од 300 продадени единици. Така, „Џез“ е на првото место како најсигурен модел, со стапка на гарантна отштета за осигурување од само 2,6 отсто.

На второ место е „Тојота јарис“, со стапка од 2,94 насто, a „Фолксваген Т-рок“ е трет – со 3,05 отсто.

Инаку, говорејќи за „Џез“, до слични резултати дојде и германската итражувачка компанија „ТУВ“ (ТÜВ). Најбезбедната „Хонда“ ја доби златната значка за 2025 година од „ТУВ“, бидејќи според овие податоци, само 2,4 отсто од овие јапонски автомобили имаат неисправности на првиот технички преглед, со просечни 28.000 километри на мерачот.

Некаде при врвот се и „Фолксваген голф спортсван“, (2,5 насто), „Ауди ку-2“ и „Порше 911 карера“ – и двете возила со 2,6 отсто неисправности и неправилности.