
Претседателот на САД, Доналд Трамп им подари значителни празнични подароци на четворица помошници во Белата куќа, според новите финансиски извештаи објавени од администрацијата, јавија американски медиуми.
Подароците од по 45.000 долари за извршната асистентка Натали Харп, советничката за комуникации Марго Мартин и заменик-директорот за операции во Овалната соба, Чемберлен Харис, како и подарокот од 20.000 долари за директорот за операции во Овалната соба Волт Наута, беа забележани во годишните извештаи објавени од администрацијата.
Според извештајот за плати на Белата куќа до Конгресот, Харп, Мартин и Харис заработуваат по 150.000 долари годишно, додека Наута заработува 175.000 долари.
Службеник на Белата куќа, кој не беше овластен јавно да коментира и зборуваше под услов на анонимност за американски медиуми рече дека Трамп „има долгогодишна практика да им дава божиќни подароци на луѓе во неговата орбита, вклучувајќи понекогаш и персонал и помошници, во владата како и за време на работата во приватниот сектор“.
Службеникот не кажа дали други вработени добиле слични подароци од претседателот, но додаде дека паричните подароци не се поврзани со „официјалните владини должности на поединците и затоа се целосно дозволени според важечките законски и етички стандарди“.


