
Граѓаните кои се сомневаат дека одредена бензинска станица има гориво, но намерно одбива да го продава во пресрет на поскапување, треба случајот да го пријават во Државниот пазарен инспекторат. Казните за евентуалните злоупотреби се огромни, предупреди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ристов се осврна на честите гужви и редици пред бензинските станици во понеделник навечер, откако РКЕ ќе ги соопшти новите цени на нафтените деривати.
Кога се очекува поскапување, голем број граѓани се обидуваат да наполнат гориво по старата, пониска цена. Во такви ситуации, сепак, се појавуваат и пријави дека одредени бензински станици ја прекинуваат продажбата со образложение дека останале без гориво.
Ристов објасни дека РКЕ нема надлежност да утврдува дали бензинската станица навистина останала без гориво или намерно ја запрела продажбата иако располага со залихи.
„Не. Оваа надлежност не е кај регулаторот, тоа е кај Пазарната инспекција“, рече Ристов.
Тој ги повика граѓаните да пријават секој случај во кој постои сомневање дека компанија располага со нафтени деривати, но намерно не ги пушта во продажба.
„Секој граѓанин кој има дилема или барем сомнеж дека одредена компанија прави злоупотреба со тоа што има нафтени деривати, а не ги пушта на пазар, слободно може да пријави кај Државниот пазарен инспекторат“, изјави претседателот на РКЕ.
Според него, по пријавата инспекциските служби треба да излезат на терен и да утврдат дали навистина постојат неправилности.
Ристов предупреди дека доколку се утврди намерно ограничување на продажбата, компаниите може да се соочат со сериозни финансиски последици.
„Казните се огромни“, нагласи тој, додавајќи дека компаниите во овој сектор работат со релативно мали маржи, но со голем промет.
Претседателот на РКЕ посочи и дека Државниот пазарен инспекторат веќе располага со одредени информации за вакви случаи и ги предупреди компаниите да не се обидуваат да манипулираат со продажбата на гориво.
Прашањето за можни злоупотреби е особено актуелно во деновите кога се очекува поголема промена на цените, кога редиците пред бензинските станици се зголемуваат бидејќи граѓаните сакаат да наполнат гориво пред стапувањето во сила на новата цена.


