
Глобалните просечни температури беа за повеќе од два Целзиусови степена над прединдустриското ниво седум дена по ред, првпат откако се водат мерења, потврди климатската служба на ЕУ „Коперник“ за агенцијата ДПА.
Температурите од 18 до 24 ноември биле за повеќе од два степена повисоки од просекот за истите денови во периодот меѓу 1850 и 1900 година.
– Тоа не е исто што и преминување на долгорочниот праг од два Целзиусови степена од Парискиот договор, но претставува суров увид во тоа кон каде се движи нашата клима – изјави Саманта Барџес, раководителка за климатски стратегии во „Коперник“.
Пред овој месец, овој праг беше надминат само во шест поединечни денови: четири во февруари 2024 година и два во ноември 2023 година. Прагот беше надминат и во три одделни денови претходно овој ноември, пред последниот седумдневен период.
Меѓународната заедница имаше цел да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 степен за да се избегнат најлошите последици од климатските промени. Сепак, извештај на Обединетите нации заклучи дека надминувањето на тој праг, барем привремено, сега е неизбежно.
Актуелните високи температури се поттикнати не само од глобалното затоплување, туку и од климатскиот феномен Ел Нињо, за кој Светската метеоролошка организација очекува да биде исклучително силен.
– Ел Нињо ќе дојде и ќе помине; основното затоплување од емисиите на стакленички гасови нема, освен ако не ги намалиме тие емисии – рече Барџес.
