
Пишува: Јове КЕКЕНОВСКИ
Во јавноста деновиве се појавија низа политички реакции и анализи поврзани со изборните случувања во Унгарија и поразот на Виктор Орбан, во кои овие настани не само што се ставаат во директен контекст со пошироката балканска политичка сцена, туку и без задршка се проектираат врз македонската. Во тие политички нарации се наметнува тезата дека промените во Будимпешта ќе предизвикаат непосредни политички последици во регионот, не само врз одделни политички актери, туку и врз политички партии во Република Србија и Македонија, особено врз ВМРО-ДПМНЕ.
Наративот оди и чекор понатаму: од еден изборен исход се извлекуваат амбициозни заклучоци за наводно слабеење на десницата во регионот, отворајќи истовремено и прашања за политички и и матни економски врски со унгарската влада. Ваквото поставување на тезата, иако комуникативно ефектно, повеќе наликува на политичка проекција, отколку на трезвена анализа.
Во македонскиот политички дискурс, честопати наместо анализа добиваме интерпретација водена од очекувања и политички симпатии. Последните реакции на случувањата поврзани со Орбан го потврдуваат токму тоа: политички наратив кој повеќе се темели на посакуван исход отколку на реална проценка.
Тезата што се наметнува е следна: падот на Орбан претставува почеток на поширок регионален политички пресврт, кој директно ќе се рефлектира врз позицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Овој наратив оди чекор понатаму, сугерирајќи дека станува збор за домино-ефект што ќе ги зафати и другите политички актери во регионот.
Но токму тука започнува проблемот.
Прво: неосновано поврзување на неповрзани процеси
Ваквата конструкција се темели на претпоставка дека политичките процеси во различни држави се меѓусебно директно зависни. Но, политичката реалност е значително покомплексна. Унгарија, Србија и Македонија функционираат во различни институционални, историски и општествени рамки, што ја прави ваквата паралела методолошки кревка.
Да се извлече заклучок дека еден изборен исход во Будимпешта автоматски ќе предизвика политички последици во Скопје претставува класичен пример на аналитичко поедноставување, па дури и банализирање на сложени политички процеси. Со други зборови, од еден конкретен настан се извлекуваат генерализирани заклучоци без доволна причинско-последична врска, што повеќе говори за политичка проекција отколку за сериозна анализа.
Второ: редукција на европските политички односи
Тезата дека ВМРО-ДПМНЕ останува „без својот единствен сојузник во ЕУ“ ја сведува сложената европска политичка сцена на еднодимензионална релација. Европските десничарски партии не функционираат како централизирана структура зависна од еден лидер, туку како мрежа од различни актери со сопствени интереси, приоритети и политички агенди, кои често се разликуваат и се менуваат во зависност од националните контексти.
Во таа смисла, политичките сојузништва во рамките на Европа не се фиксни и еднонасочни, туку динамични и повеќеслојни, што значи дека нивното сведување на една билатерална релација претставува сериозно аналитичко поедноставување.
Оттука, претставувањето на Виктор Орбан како единствен столб на меѓународната позиција на ВМРО-ДПМНЕ не само што е политичка конструкција, туку и индикатор за ограничен аналитички пристап. Ваквата редукција не само што ја поедноставува реалноста, туку и ја искривува, создавајќи погрешна перцепција за начинот на кој функционираат европските политички односи.
Дополнително, ваквиот пристап имплицира дека политичката релевантност на една партија зависи од еден надворешен фактор, со што се занемаруваат внатрешните политички динамики, изборните резултати и домашниот политички легитимитет, фактори кои во реалноста се далеку поважни.
Трето: реторика наместо аргументи
Особено значаен аспект е употребата на тврдења за „тајни договори“ и „бизнис-комбинации“. Како што може да се види и во самиот текст, ваквите обвинувања се пласираат без конкретна доказна поткрепа. Во отсуство на факти, тие остануваат во доменот на инсинуација.
Ова е типичен механизам во политичкиот дискурс: создавање на сомнеж наместо понуда на докази. Но сомнежот не е аргумент, исто како што реториката не е анализа.
Доколку овие тврдења имплицираат на конкретни економски аранжмани, како што е, на пример, унгарскиот кредит, тогаш е неопходно да се направи јасна дистинкција. Финансиските договори меѓу држави или со меѓународни партнери не се засноваат на неформални или „тајни“ односи, туку на јасно дефинирани услови, клаузули и правни и финансиски обврски. Ниту една сериозна финансиска институција или држава не одобрува средства врз основа на политичка блискост, туку врз основа на конкретни договорни рамки, проценки на ризик и економски интерес. Оттука, сведувањето на ваквите процеси на „бизнис-комбинации“ не само што е поедноставување, туку и отстапување од основните принципи на економска и правна реалност.
Четврто: инструментализација на меѓународни настани
Она што посебно паѓа во очи е фактот дека во позадина на целиот овој наратив стои една поширока и веќе препознатлива стратегија, користење на надворешни политички случувања како алатка за внатрешно-политичка пресметка. Во контекст на односите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Унгарија не се третира како тема за анализа, туку како симболичко средство за политичко позиционирање.
Наместо да се отвори суштинска дебата за реалните импликации од политичките промени во овој дел од Европа, нивното влијание врз регионалната стабилност, војната во Украина, економските текови или евроинтеграциските процеси, тие се сведуваат на аргумент во веќе постоечката политичка конфронтација во Македонија. На тој начин, надворешнополитичките теми се трансформираат во продолжение на внатрешната реторика.
Ваквата инструментализација има и пошироки последици. Таа ја редуцира комплексноста на меѓународните односи на едноставни, често црно-бели наративи, при што јавноста не добива анализа, туку политички рамкирани интерпретации. Наместо информирање, се создава перцепција; наместо разбирање, се нуди позиционирање.
Дополнително, ваквиот пристап создава привид дека надворешните настани се пресудни фактори за домашната политичка динамика, со што се релативизираат внатрешните причини и одговорности. Наместо фокус на домашните политики, реформите и реалните предизвици, вниманието се пренасочува кон надворешни „симболи“ што треба да ја поткрепат однапред изградена политичка теза.
Во таа смисла, Унгарија станува повеќе реторичка алатка отколку предмет на анализа, а тоа, на долг рок, ја ослабува способноста за сериозно и одговорно политичко толкување на меѓународните процеси.
Заклучок: кога желбата и интересите стануваат анализа
Токму затоа, метафората „гладна кокошка просо сонува“ овде не е случајна. Таа не само што ја опишува состојбата, туку и прецизно ја разобличува логиката на ваквиот наратив, логика во која авторот не ја следи реалноста, туку ја прилагодува кон сопствените политички очекувања или евентуални политички нарачки, со што анализата се претвора во инструмент, а не во објаснување.
Од еден конкретен настан се конструира поширока приказна, исполнета со претпоставки, драматизација и недокажани врски, која за мал дел од читателите звучи уверливо, но суштински страда од недостаток на аналитичка строгост. Наместо аргументирана проценка, се нуди политички обоена интерпретација што повеќе говори за намерата отколку за фактите.
Во таков контекст, не станува збор за погрешна анализа, туку за отсуство на анализа. Зашто кога заклучоците однапред се поставени, а фактите селективно се вклопуваат за да ги поткрепат, тогаш не зборуваме за критичко мислење, туку за политичка проекција.
Во време кога политичката комуникација сè повеќе се темели на перцепција, ваквите наративи можеби лесно наоѓаат своја целна публика. Но токму затоа одговорноста за јавно изнесените ставови е уште поголема. Анализата подразбира аргументи, контекст и методолошка доследност, односно сè она што во овој случај очигледно недостасува.
Зашто во политиката, како и во животот, не е исто дали ја толкуваме реалноста или ги проектираме идните политички случувања според сопствени или нарачани желби и интереси. Реалноста и фактичката состојба бараат сериозна и издржана анализа, а не интерпретација водена од интерес.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
