
Општина Центар ги поканува сите заинтересирани граѓани на бесплатна тематската прошетка „Времеплов низ Центар, историја, култура и архитектура”, која ќе се одржи на 24 јуни (среда), од 18:00 до 20:00 часот.
Собирно место е на улица „Македонија”, пред Спомен-куќата на Мајка Тереза, од каде ќе започне прошетката низ богатото историско, културно и архитектонско наследство на централното градско подрачје.
Водичи на турата ќе бидат Димитар Таневски и Антонио Павловски , а посетителите преку интересни факти и приказни ќе се запознаат со минатото на Центар од еден нов агол.
„Придружете ни се на уште една прошетка низ повеќе локации кои се наше секодневие, но толку малку знаеме за нив. Ова е прилика да откриете што е тоа што го прави нашиот град единствен и уникатен”, порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Маршутата опфаќа препознатливи обележја , меѓу кои Градскиот трговски центар, Камениот мост, Кејот на Вардар, Даут Пашин Амам и многу други значајни историски и архитектонски знаменитости.
Посетителите ќе имаат можност да слушнат за личности, настани и објекти кои оставиле траен белег врз развојот на градот, како и да откријат детали што често остануваат незабележани во секојдневниот урбан ритам.
Турата е бесплатна и е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година.
