
Општина Центар е подготвена да ја преземе надлежноста за одржување на хигиената доколку Градот не ги извршува своите обврски, порача градоначалникот Горан Герасимовски во дебатата „Топ тема” на Телма ТВ.
Тој посочи дека општината има капацитет и јасен план како самостојно да се справи со проблемот, особено во услови на влошена состојба со јавната хигиена.
„Тоа го покажавме и пред изборите кога се соочивме со огромен проблем со хигиената. Имаме 120 хигиеничари кои што се постојано на терен. Секое утро ги почнуваат нивните работни обврски од училиштата, градинките, потоа продолжуваат кон сите останати улици и зелени површини. Но, проблем е чистење на сметот од самите контејнери и околу контејнерите. Не треба прстот да го покажуваме кон сите градоначалници, треба малку и меѓу себе да си ги покажеме прстите”, истакна Герасимовски.
Тој нагласи дека е недозволиво контејнерите да се прелеваат со смет, а децата да мора да прескокнуваат преку отпад за да стигнат до училиште.
„Тоа е недозволиво. Верувам дека ситуацијата ќе се подобри. Од она што го имаме како информација од Градот, дека Градот прави напори, заедно со помош на владата, да набави одреден број на возила кои ќе придонесат да се подобрат условите во делот на хигиената”, рече Герасимовски.


