
Францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо денеска го презентираше новиот пропис, со заострени критериуми за натурализација на странците.
– Француската националност и француското државјанство не се заснова само на потеклото, туку пред сè на чувството на припадност, наведе Ретајо.
Тој истакна дека има три критериуми за добивање на француско државјанство.
– Првиот услов изгледа толку очигледен, но мора да се запомни, тоа е почитување на нашите закони. Ги молам полициските префектури да ги отфрлат барањата од странци кои во минатото биле во некоја нерегуларна ситуација. Вториот услов е подобро познавање на францускиот јазик, како и познавање на историјата и културата. А, третиот услов се однесува на вработувањето, префектурите ќе мора да проверат дали кандидатите имаат доволно ресурси за да избегнат зависност од социјална помош, посочи Ретајо.
Тој ја дистрибуираше новата регулатива до префектурите, текст од пет страници, заедно со повелбата за правата и должностите на францускиот граѓанин.
Минатата година француско државјанство преку брак или други семејни и крвни врски добиле 66.745 лица, што е зголемување од 8,3 проценти во споредба со 2023 година.