Skip to main content
Македонија

Филипче: Платформата е обид за дефокус од тоталниот дебакл на власта

08/07/2026  21:20

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју во „Тема на денот” на  телевизија Сител, нагласи дека т.н. „Платформа” претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што рече, „тоталниот дебакл на власта”, посочувајќи дека наместо да се зборува за неуспесите на Владата, повторно во фокусот се става СДСМ.

„Што се постигнува? Целосен дефокус. Наместо во овој период ние да разговараме за овој дебакл на власта, за изолацијата од Европа, за проруските влијанија кај нас, за проруските ставови на владата на Христијан Мицкоски, лично на него, за дебаклот со буџетот, за немањето пари за пензии, плати, социјални трансфери, земјоделство и така натаму, за ултра скапите кредити, вклучувајќи го и унгарскиот, ние повторно расправаме за самите себе”, рече Филипче.

Тој нагласи дека во време кога СДСМ води силна опозициска битка против, оваа корумпираната власт, ваквите активности создаваат непотребна фрагментација.

„Во таква ситуација, кога сме единствената опозициска партија која на овој начин се бори со оваа ненародна власт, една група луѓе кои се сите искомуницирани претходно и на кои им е понудено да дојдат, да се приклучат, да бидат дел од телата на партијата, одат и дебатираат на друго место надвор од партијата”, рече Филипче.

Во интервјутот тој потенцираше дека сите кои имаат идеи и ставови имаат простор да ги изнесат во рамките на партијата.

„Ако е потребно единство, како што и тие велат, зошто прават работи кои водат кон фрагментација? Зошто не доаѓаат во партијата, во која вратите се отворени? И тие тоа многу добро го знаат, затоа што им е таму местото. Во партијата се дебатира за такви работи”, порача Филипче.

Притоа, Филипче посочи дека јавноста останува без одговор на суштинските прашања за работата на Владата.

„Тоа е само силната пропаганда на ВМРО, со која дојде на власт, и единственото нешто со кое сега сака да се одржи на власт, поради тоа што нема други резултати. Гледајте каков дебакл е на секое друго поле. Буџетот е празен, ребалансот е страшен дебакл. Огромен раст на дефицитот, нема предвидени пари ни за соодветен раст на пензиите, пензионерите се изневерени, ни за раст на платите. Нема доволно пари за субвенции во земјоделството. Нема доволно пари за зголемување на социјалните трансфери. Сè е статус кво”, рече претседателот на СДСМ.