Skip to main content
Свет

ЕУ го отфрли предлогот за суспензија на договорот со Израел

22/04/2026  12:42

Министрите за надворешни работи на ЕУ го отфрлија предлогот за суспендирање на Договорот за асоцијација со Израел, иако сè уште има несогласувања во рамките на Унијата околу војната во Газа и насилството на израелските доселеници на Западниот Брег.

Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека опциите за делумно суспендирање на договорот остануваат отворени, но дека не е постигнат потребниот политички консензус меѓу земјите-членки за нивно спроведување. 

Некои земји-членки, вклучувајќи ги Ирска, Шпанија и Словенија, се залагаат за построг пристап и преиспитување на односите со Израел, наведувајќи ја хуманитарната ситуација во Газа и насилството на Западниот Брег. 

Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Алварез, изјави дека ЕУ нема да може да ги одржи истите односи со Израел доколку продолжат непријателствата.

Белгија, исто така, ја поддржа идејата за санкции, додека критики пристигнаа и од Европскиот парламент, кој предупреди дека ЕУ ризикува да го изгуби кредибилитетот во областа на човековите права.

Спротивно на тоа, Германија ја отфрли идејата за суспензија како несоодветна, залагајќи се за континуиран „конструктивен дијалог“ со Израел.

Спогодбата за асоцијација може да се суспендира само едногласно, додека делумно суспендирање би барало квалификувано мнозинство, но досега не е обезбедена доволна поддршка меѓу земјите-членки.

Дополнително, некои земји и организации повикаа на воведување царини за производи од израелските населби на Западниот Брег, како и на посилен притисок врз исплатата на палестинските приходи од страна на Израел.

Израелската влада ги отфрли критиките од ЕУ, обвинувајќи ги некои европски лидери за двојни стандарди и политичка пристрасност.

Спогодбата за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, потпишана во 2000 година, е правна основа за трговските односи на ЕУ со Израел, т.е. правна и институционална рамка за политички дијалог и економска соработка меѓу ЕУ и Израел.