
Главниот извршен директор на Епл Тим Кук изјави дека новите трговски царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп ќе ѝ донесат на компанијата дополнителни 900 милиони долари трошоци во овој квартал, јави ДПА.

Епл веќе пренасочува дел од производството надвор од Кина. Според Кук, половина од ајфоните продадени во САД се произведуваат во Индија, а наскоро тоа ќе биде случај и со поголем дел од iPad, Mac и Apple Watch, кои ќе доаѓаат од Виетнам.
Новите тарифи од 145 отсто за увоз од Кина го засилија процесот на диверзификација што започна по пандемијата. Сепак, повеќето уреди сè уште се склопуваат во кинески фабрики.
Кук изјави дека нема индикации дека американските потрошувачи панично купуваат уреди поради можни поскапувања. Ајфон приходите пораснале на 46,8 милијарди долари, што е над очекувањата, а вкупниот приход достигна 95,4 милијарди долари.
Добивката скокнала на 24,8 милијарди долари, а Епл сепак има благ пад кај услугите (апликации, претплати). Приходите во поширокиот кинески пазар паднале за 2 отсто.