Skip to main content
Магазин

„Енергија без филтри, музика без маски и емоција без компромиси“, „Ареа“ најави специјален концерт на 𝟣𝟢. мај

08/05/2025  12:16

Македонската рок група „Ареа“ ќе одржи специјален концерт на 10. мај (сабота) во „Јавна Соба“ во Скопје, каде што публиката ќе има можност да доживее едно блиско и енергично музичко искуство со автентичниот звук што ја одбележа „Ареа“ низ годините.

„Да си свој е најгласниот звук што можеш да го свириш“, вели гитаристот Ивица Брчиоски, кој од почетокот е дел од ова музичко патување. Во интервју по повод јубилејот, Брчиоски се навраќа на скромните почетоци, снимањето на првиот албум во студиото на МРТ – „место каде што пред нас снимале легенди како ‘Леб и сол’ и ‘Бјело дугме’“ – и потенцира дека клучот на успехот е доследноста и искреноста.

И по седум издадени албуми и стотици настапи, „Ареа“ останува верна на својот стил и на директната комуникација со публиката. Брчиоски посочува дека денешната сцена е поинаква – доминираат бројките и алгоритмите, но суштината на музиката е да биде доживување, а не производ.

Концертот во „Јавна Соба“ ќе понуди токму тоа – енергија без филтери, музика без маски, и емоција без компромис. Публиката може да очекува избор од најдоброто од дискографијата на „Ареа“, во атмосфера што ја нагласува блискоста и искреноста на живиот настап.