
Двајца мигранти загинаа, а 16 се повредени во нелегален обид за премин преку Ла Манш со брод. Тројца од повредените претрпеа сериозни изгореници, соопштија денеска француските власти.
Бродот, во кој се наоѓале 82 лица, тргнал од плажата Ардело, јужно од Булоњ сир Сен, но поради дефект на моторот останал без контрола и почнал да плови по морето, изјави Кристоф Маркс, генерален секретар на префектурата Па де Кале.
Француски жандармериски брод успеал да спаси 17 лица и да ги пренесе во Булоњ сир Сен, додека останатите 65 продолжиле да пловат сè додека брановите не ги исфрлиле на брегот. Двете жени, на возраст од околу 20 години и по потекло од Судан, најверојатно починале од задушување поради пренатрупаност на бродот. Според Маркс, ваквите случаи се чести кога пловилата се преполни.
Дополнително, тројца повредени се во критична состојба со изгореници, најверојатно предизвикани од истурено гориво во внатрешноста на бродот. Случајот е под истрага.


