Skip to main content
Македонија

Дуплиран бројот на загинати работници во Македонија

28/04/2026  09:00

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април, јавноста повторно се соочува со сериозни и загрижувачки бројки кои ја отсликуваат состојбата со заштитата на работниците во Македонија. Наместо напредок, последните статистики покажуваат континуиран раст на несреќите при работа, сериозните повреди и смртните случаи.

Според официјалните податоци, во 2023 година во државата биле регистрирани вкупно 108 несреќи при работа. Само една година подоцна, во 2024 година, бројката пораснала на 133 случаи. Тоа значи значително зголемување за краток временски период и јасен сигнал дека ризиците на работните места стануваат сè поголеми.

Пораст има и кај тешките повреди. Во 2023 година биле регистрирани 93 сериозни повреди, додека во 2024 година бројот се искачил на 116 случаи. Овие податоци укажуваат дека сè повеќе работници се изложени на опасни услови, недоволна заштита и небезбедна работна средина.

Најзагрижувачки сепак е трендот кај смртните случаи. Во 2023 година животот на работното место го загубиле 15 лица, додека во 2024 бројката пораснала на 17 загинати работници. Но, вистинскиот аларм доаѓа со податоците за 2025 година.

Според податоците презентирани во годишниот извештај, во текот на 2025 година се евидентирани 132 несреќи при работа, од кои дури 31 со смртен исход. Тоа значи дека бројот на загинати работници е речиси дуплиран во однос на 2024 година, кога имало 17 смртни случаи. Овој драматичен скок претставува тежок пораз за системот на превенција, инспекцискиот надзор и примената на мерките за безбедност.

Зголемена е и стапката на смртност на 100.000 работници – од 2,16 во 2023 година на 2,45 во 2024 година, додека стапката на повреди пораснала од 13,42 на 16,76. Тоа покажува дека не станува збор само за поголем број случаи, туку и за продлабочување на ризикот на работните места.

Посебен осврт во извештајот е даден на трагичните настани кои ја одбележаа годината, меѓу кои и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Овој настан повторно ја отвори темата за непочитување на прописите, слабата контрола, нефункционалните безбедносни системи и потребата од сериозни институционални реформи.

Меѓународна организација на трудот го воспостави 28 април како ден посветен на подигнување на свеста за важноста на безбедноста и здравјето при работа. Пораката е јасна – секоја несреќа може и мора да биде спречена.

Од Македонско здружение за заштита при работа порачуваат дека анализата на овие бројки треба да биде основа за учење, а не само статистика. Потребни се сериозни инвестиции во обука, заштитна опрема, контроли и одговорност кај сите чинители.

Безбедноста при работа не е избор, туку законска и морална обврска. Секој работник има право да се врати дома жив и здрав, а секој работодавач има должност тоа да го обезбеди.