
Пишува: Мирослав Трлин дипломиран економист во пензија
Кога зборуваме за пензискиот фонд, најнапред треба да разјасниме една работа – што всушност подразбираме под зборот „фонд“. Вообичаено, фонд е збир на парични или материјални средства определени за одредена намена, со јасно утврдени извори, правила за користење и одговорност за управување. Нашиот пензиски систем, особено неговиот прв столб, е поинаков. Тој не функционира како класичен фонд што акумулира капитал и создава сопствена финансиска маса, туку во голема мера се потпира на тековните придонеси од сегашните осигуреници за исплата на пензиите на сегашните пензионери.
Тука се појавува она што денес најчесто се нарекува „дупка во пензискиот фонд“. Таа не е нова појава и сама по себе не значи дека системот не функционира. Проблемот настанува кога недостатокот од придонеси од привремена појава се претвора во трајна состојба, а средствата од Буџетот од помошен извор постепено стануваат неопходен дел од основното финансирање на пензиите.
Законот предвидува повеќе извори на средства за пензиското и инвалидското осигурување, меѓу кои придонесите, приходите поврзани со работењето на Фондот, но и средствата од Буџетот. Значи, не е спорно дека државата може и треба да обезбедува средства за пензискиот систем кога тоа е предвидено со закон. Прашањето е друго: недефинираност до каде може да оди таа интервенција и дали постои доволно прецизна законска рамка што ја определува границата, механизмот и принципот според кој недостатокот од придонесите се надополнува од Буџетот?
Ова прашање станува особено важно затоа што односот меѓу бројот на оние што уплаќаат придонеси и бројот на пензионерите драматично се промени. Некогаш на еден пензионер доаѓаа повеќе од три, па и четири осигуреници, а денес односот е околу еденипол или нешто малку повеќе вработени на еден пензионер. Тоа е суштинската причина поради која системот денес има многу поголема потреба од дополнителни средства.
И тука треба да бидеме внимателни со зборот „дупка“. Дупката како повремена појава може да се надополни. Но дупката која од година во година станува поголема и трајно се пополнува со средства од друг извор веќе не е само дупка. Таа станува состојба на системот.
Не ја спориме законитоста на користењето буџетски средства за пензии. Треба да прашаме дали една долгорочна состојба, во која значаен дел од средствата за исплата доаѓа од Буџетот, треба да остане без јасно определена граница и методологија. Зашто она што е законски дозволено без прецизна граница може со текот на времето да стане растегливо до недоглед. А безграничната растегливост на системот не е гаранција за неговата стабилност.
Токму затоа можеби е време да размислуваме како дел од средствата што денес се собираат како данок на личен доход да се пренасочи директно кон првиот пензиски столб како законски утврден придонес. Не станува збор за воведување нова давачка, туку за можна поинаква распределба на постојната давачка: дел од сегашниот данок да стане придонес за пензиско осигурување, а преостанатиот дел да продолжи да биде приход на Буџетот.
Колкав би бил тој дел, дали таквата промена е економски оправдана и какви би биле последиците врз приходите на Буџетот, пензискиот фонд, платите и вработените – тоа не може да се одреди со политичка проценка или со една проста пресметка. Потребна е сериозна анализа и симулација. Но вреди да се отвори како можност: дел од средствата што денес кружат од даночниот систем кон Буџетот, па потоа повторно од Буџетот кон пензискиот систем, директно да се насочат таму каде што се потребни. Тоа би било обид дупката да не се покрива секоја година повторно, туку постепено да се намалува самиот недостаток на стабилни приходи на првиот столб – без воведување нова давачка и без дополнително оптоварување на Буџетот со истите средства.
Секако, најдоброто решение е друго: повеќе вработени, особено во реалниот сектор, повисока продуктивност, повисоки плати и поголем прилив на придонеси. Со таков економски раст пензиската дупка природно би се намалувала. Но треба да бидеме реални. Ако сегашните демографски и економски движења не ни даваат причина да очекуваме брзо подобрување, тогаш мора да размислуваме како да купиме време и да го репрограмираме системот, без нови фискални оптоварувања, додека не дојдат подобри економски услови. Тоа не е трајна замена за економскиот развој. Тоа е мост кон него.
И затоа можеби вистинското прашање не е дали државата ќе ја „крпи“ дупката во пензискиот фонд. Таа мора да обезбеди пензија за оние на кои им ја гарантирала со закон. Прашањето е дали ќе продолжиме секоја година да ја пополнуваме истата дупка со сè поголеми буџетски средства или конечно ќе почнеме да го менуваме системот така што дупката постепено ќе се намалува.
Зашто буџетот може да помогне кога ќе недостигаат средства. Но не би требало помошта да стане темелот врз кој постојано ја градиме пензијата.
Државата на пензионерот му гарантира дека пензијата ќе ја добива. Но најдобрата гаранција не е само големината на буџетската интервенција. Најдобрата гаранција е здрав пензиски систем, со стабилни извори на приходи, јасни правила и економија што создава доволно нова вредност.
На крајот, прашањето „од каде доаѓа пензијата?“ не е само прашање за денешниот пензионер. Тоа е прашање и за оној што денес работи и плаќа придонеси, за оној што утре ќе се пензионира и за државата која треба да ја чува рамнотежата меѓу нив. Дупката може да се покрие. Но ако сакаме пензискиот систем да трае, треба да направиме така што повеќе нема постојано да мора да ја крпиме.
Ова е повик до сите надлежни, независно од политичката определба, навреме да ја отворат и сериозно да ја разгледаат оваа тема и да најдат долгорочно решение – зашто проблемите што денес можеме да ги решиме со разум, утре можеби ќе мораме да ги решаваме со нужда.

