Skip to main content
Македонија

Дуковски: Мора да се цени фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината

09/05/2025  14:57

Сашо Дуковски, адвокатот на 20-годишниот Васил Јованов, кој на пешачки премин, возејќи без возачка дозвола, смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, по денешното судење, рече дека очекува да се цени тоа што признал вина и изразил најдлабоко каење.

„Сакам да имате предвид еден многу битен факт, се работи за човек кој што има 20 години, категорично ја призна својата вина. Ова не е ни првата ни последна сообраќајка во Република Македонија. Тоа покажува дека таква млада личност е личност со интегритет и дека неговото семејство е со интегритет и имаше доблест и да признае и да се носи со сите последици кои ќе дојдат по неговото признание. Уште еднаш кажувам, да оставиме институциите да си ги донесат пресудите и да донесат одлука врз основа на законот, не врз основа на начелото око за око заб за заб, тоа што некој сака. Смртна последица сама по себе е страшна работа, но треба да се индивидуализира и да се цени секој потег во врска со изрекувањето на казната. Особено мора да се цени во духот на законот фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, беше кооперативен, соработуваше со судот и изрази најдлабоко можно каење“, рече адвокатот Дуковски.

Адвокатот се надева дека јавноста досега успеала да препознае што е лага во случајот и кажа дека има забелешки за сведочењата на оштетениот уште од првиот ден.

„Пресудата ја донесува судот, но јас би кажал една друга работа. Се надевам дека конечно видовте, сето она што беше објавувано оркестрирано дека Васил е убиец, Васил е наркоман, Васил е ѓавол, Васил возел со 170, Васил избегал па не дошол три саати на лице место.. Видовте дека сето тоа е една ноторна лага. Цело време за исказите оштетените читаа од нивните телефони што значи дека некој им ги подготвува тие говори, а така настапуваат од првиот ден“, вели адвокатот Дуковски.

На денешното судење Васил Јованов призна вина и кажа дека тоа ќе го прогонува целиот живот.

Јованов на 29 јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје, пијан, минувајќи на црвено светло, на пешачки премин ја удри Кулакова која почина на самото место.

Семејството на Кулакова побара максимална казна за Јованов, а судот најави пресуда на 13 мај.