Лажно и неосновано е тврдењето дека неодамна сум виден како возам „ролс ројс“ со кичевски регистарски таблички, вреден 400 илјади долари. Ова обвинение е безобразна измислица, за која нема факти, ниту докази. Ова е денешната реакција на Дрин Ахмеди, внук од братот на Али Ахмети, кој до медиумите испрати писмено соопштение на англиски јазик по повод последните обвинувања од коалицијата „Вреди“ дека неодамна бил виден како вози автомобил марка „ролс ројс“ со кичевски таблички во вредност од 400 илјади долари.
Дрин Ахмети / Фото: Принтскрин
Бара од коалицијата „Вреди“ да обезбедат јасни докази, како фотографии, записи од регистарски таблички, извештаи од очевидци или каква било друга легитимна документација со која ќе може да се потврди нивното тврдење.
„Ширењето вакви невистини е штетно за мојот углед, но се создава и лажна слика во јавноста. Барам итно повлекување на вашата изјава и формално јавно извинување. Ако не го сторите тоа на време, не ми оставате друг избор освен да ги следам правните чекори“,
пишува Ахмети.
Внукот на Ахмети вели дека неодговорно и неетички е да се шират неосновани изјави во обид да се одвлече вниманието од какви било недостатоци и неуспеси на владејачката коалиција.
Ги повикува „Вреди“ да се фокусираат на конструктивен дијалог и фактички дискурс наместо да прибегнуваат кон тактики за оцрнување.
„Верувам дека коалицијата ‘Вреди‘ ќе ја препознае сериозноста на овој случај и ќе преземе итни чекори за да се поправи ситуацијата. Останувам посветен на заштитата на мојот интегритет и нема да се двоумам да ги повикам на одговорност оние што намерно шират лажни изјави за мене“,вели Дрин Ахмети.
Коалицијата „Вреди“ утрово излезе со соопштение, во кое, меѓу другото, посочи дека внукот на Ахмети, Дрин, е виден со бел „ролс ројс“ со кичевски регистарски таблички, вреден 400 илјади долари.