Skip to main content
Економија

ДОМ: Владата ги остава граѓаните сами да се справуваат со сè поскапиот живот!

20/11/2026  13:59

Соопштение за јавност на ДОМ:

Ноемвриската синдикална кошница достигна 70.827 денари – ново месечно поскапување од 469 денари, односно дури 4.414 денари повеќе од почетокот на годината. Истовремено, дури и владината просечна потрошувачка кошничка во октомври скокна за 942 денари (1,6%) и достигна 59.149 денари, со најголем удар кај храната, зеленчукот, овошјето, домувањето, струјата и греењето.

Додека и двете кошнички постојано растат, од министерството за економија и труд не убедуваат дека цените се во „релативна пазарна стабилност” и дека „сме најдобри”. За каква стабилност зборува Владата кога граѓаните секој месец плаќаат сè поскапи сметки и се борат да го преживеат месецот од први до први?

За граѓаните, инфлацијата не е статистички податок за фалење на прес-конференции. Тоа за нив значи помалку храна на трпезата, одложени сметки, откажани потреби и секојдневна борба дали платата ќе издржи до крајот на месецот.

Кога минималната плата не може да ги покрие ниту основните трошоци, а платите не можат да ја стигнат ниту владината, а уште помалку синдикалната кошничка, тогаш станува јасно дека Владата нема стратегија за животниот стандард. Наместо навремена акција, граѓаните слушаат изговори дека ќе се интервенирало „само ако има потреба” и празни ветувања дека „посветено се работи” на минималната плата, додека секое поскапување веднаш ја јаде куповната моќ.

ДОМ оценува дека на граѓаните не им требаат владини самопофалби, туку итни и системски мерки:

• Итна заштита на реалните плати и целна финансиска поддршка за домаќинствата со најниски приходи и пензионерите;

• Реална, а не декларативна контрола на пазарот и строги санкции за ценовните злоупотреби и профитерството кај основните прехранбени производи;

• Системска поддршка за домашното производство на храна, наместо зависност од скап увоз;

• Забрзани субвенции за енергетска ефикасност и обновливи извори во домовите, за трајно намалување на сметките за струја и греење во пресрет на зимата.

ДОМ бара Владата да престане да се крие зад статистички споредби и да одговори јасно: кога и со кои конкретни мерки ќе го запре падот на животниот стандард и ќе обезбеди платите реално да растат побрзо од трошоците за живот?

Граѓаните не работат за да преживуваат од први до први. Нивниот труд мора да им обезбеди достоинствен живот – а тоа е одговорност од која оваа Влада повеќе не смее да бега.