Skip to main content
Македонија

Девет од македонските кандидати за судија во Стразбур испаднаа по првата проверка

05/05/2025  18:46

Комисијата задолжена за избор на македонски кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права денеска одржа втор состанок во просториите на Министерството за надворешни работи, на кој биле разгледани сите кандидатури пристигнати во предвидениот рок.

Според информациите на телевизија Телма, од 21 кандидат, 9-мина отпаднале бидејќи не ги исполниле критериумите и условите предвидени во Јавниот оглас, кои што се во согласност со насоките и стандардите од Советот на Европа. Останатите 12 кои ги исполниле условите во среда ќе бидат повикани на интервју, по што ќе следува изборот на тројца кандидати кои како предлог-листа ќе бидат доставени до владата.

Меѓу оние што не ги исполниле условите има и судии, обвинители, адвокати и правници по професија. Никој не кажува кои кандидати продолжуваат на интервју, а кои испаднале на конкурсот. Меѓу 21-те кандидати беа обвинителката Ленче Ристовска, судијките Оља Ристова, Габриела Гајдова и Едита Насковска, поранешниот претседател на ДИК, Александар Даштевски, адвокатите Тони Менкиновски, Валентин Пепељугоски, Ирена Ристиќ, поранешна директорка на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер-Дамјановска и други правници.