Skip to main content
Македонија

Дали ни треба „прочистување“ или само будење на политичка сцена

12/05/2026  08:48

Колумна на проф. д-р Иван Анастасовски

Оваа прашање е сосема легитимно и е оправдано особено пред најава за избори (предвремени 2027 или редовни 2028), но формулацијата „прочистување“ се плашам да не отиде во опасна насока ако се сфати како елиминација наместо како демократска промена. Во контекст на нашата Македонија, многу граѓани (со некои лично се среќавам и дискутираме на оваа тема) чувствуваат сериозен замор од истите политички лица на нашата политичка сцена, како и од клиентелизам кој не јаде и недоверба во нашите институциите.

Тоа не значело дека јас заговарам решение со радикален рез, туку сум прилично убеден дека постои потреба од прочистување на политичка сцена од личности и тоа од аспект на:

  1. Поголема отчетност, политичарите да одговараат за своите одлуки (правно и политички).
  2. Внатрепартиска демократија, нови кадри да имаат реална шанса да напредуваат, а не само лојални структури.
  3. Слободни и фер избори, граѓаните да ја направат промената преку гласање.
  4. Независни институции, обвинителство, судство и антикорупциски тела да работат без политички влијанија.
  5. Активно граѓанско општество и медиуми, критика, истражувачко новинарство и јавен притисок.

Јас лично под поимот прочистување мислам на генерациска смена, повисоки стандарди и крај на неказнивоста за политичарите (договарање едни со други), тогаш јас сум убеден дека тоа би претставувало здрав политички процес за доброто на нашата држава. Но во секој случај под тоа не подразбирам исклучување на „неподобни“ што во најголема смисла тоа би можело да ја поткопа демократијата. Поентава овде ми е да градиме систем кој би требало сам по себе да направи таква селекција што лошите, нефунционалните и “истрошените“ политичари сами ќе отпаднат, а не некој да ги отстранува.

Секојпат кога ќе се отвори темата за прочистување на политичката сцена, во воздухот се чувствува истата мешавина од гнев и разочараност, што е сосема разбирливо, оти нашите граѓани со години гледаат едни исти лица (без идеја без визија само гола политичка борба) со исти ветувања и нормално со ист исход само да задржат позиции по секоја цена. Па оттаму легитимно е прашањето дали ни треба прочистување на политичка сцена или будење (како алармот наутро). Но тука постои едно сериозно подпрашање а тоа е: како стигнавме до тука и кој ќе ја направи промената?

Да бидеме искрени политичарите не паѓаат од небо(ги бираме на избори), тие се производ на систем што го толерираме, на институции што не функционираат доволно и на граѓанска пасивност која премногу често ја оправдуваме со „ништо не се менува“, и тие таквите политичари (ги има прилично) ја користат оваа ситуација. Никогаш таквите поединци не помислуваат да се пробаат во некоја друга општествена сфера и поле, па да создаат нова општестевна вредност. Затоа може терминот прочистување звучи силно, речиси револуционерно и корисно пред секои избори да се промовира како такво. Но сепак во сериозна демократија тоа претставува опасен термин кој може да се сфати како елиминација наместо одговорност. Демократијата не трпи чистки, таа бара правила, бара избори, бара контрола, и бара критичка јавност.

Проблемот не е само во одредени политичари, проблемот е што системот што им дозволува да останат долго на политичка сцена, да бидат бенингни без никаков резултат, и по нив нема доволно последици за нивното поведение во политиката, затоа што партиите често функционираат како затворени кругови, а не како отворени платформи за идеи и нови луѓе.

Затоа вистинската промена не доаѓа со повик за отстранување, туку со создавање услови каде што лошите политикида се казнуваат на избори (без оглед позиција или опозиција), корупцијата се санкционира без селективност,
а новите луѓе не се исклучок, туку правило.

Затоа можеби најсоодветно е да се каже дека ни е потребно пред се будење, кое ќе резултира со прочистување, и тоа будење на институциите, да работат без страв и без диктат, будење на медиумите да прашуваат, не да пренесуваат, будење на граѓаните да не прифаќаат помалку од тоа што го заслужуваат.

Затоа што на крајот, најголемата илузија е дека некој друг ќе ја среди политичката сцена наместо нас самите. Политичката сцена се (про)чистува и се менува преку избори, а тоа не почнува од нив, туку тоа почнува од нас, ние го имамем камшикот за прочистување.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.