Skip to main content
Македонија

Бугарската министерка од Брисел: Без уставни измени нема напредок за Македонија

11/05/2026  23:29

Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова испрати јасна порака до Северна Македонија дека земјата мора да ги исполни преземените обврски од договорот со Европската унија од 2022 година доколку сака да продолжи по европскиот пат.

Говорејќи во Брисел по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, Чамова нагласи дека позицијата на Бугарија повеќе не треба да се гледа како билатерално прашање, туку како дел од официјалната рамка меѓу Европската унија и државата кандидат.

„Имавме добра прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски. Бугарија има јасна позиција, која од 2022 година не е билатерално прашање, туку прашање меѓу Европската унија и држава кандидат“, изјави бугарската министерка.

Таа посочи дека земјите од регионот, како Албанија и Црна Гора, веќе остваруваат конкретен напредок во евроинтегративниот процес, додека Северна Македонија ризикува да заостане доколку не ги преземе неопходните политички чекори.

„Овој прозорец за проширување може да се отвори во следните години и ако тие не ја искористат оваа можност, навистина може да загубат“, порача Чамова.

Според неа, Софија очекува конкретни потези од Скопје кои ќе покажат политичка подготвеност за продолжување на преговорите со Европската унија.

Во меѓувреме, македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека е неопходно процесот на пристапување кон ЕУ да се ослободи од билатерални условувања.

„Потребно е да се оддалечиме од билатерализацијата на критериумите за пристапување“, изјави Муцунски.

Северна Македонија во јуни 2022 година го прифати т.н. „француски предлог“, со кој беше усвоена преговарачката рамка со Европската унија. Во рамките на договореното, земјата треба да ги внесе Бугарите во Преамбулата на Уставот пред одржувањето на следната меѓувладина конференција со ЕУ.

Преговарачката рамка предвидува и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, мерки против говорот на омраза, отворање на архивите на поранешните југословенски служби и рехабилитација на жртвите од комунистичкиот режим.