
Соопштение на Левица:
Во однос на “демантот” на министерката Јаневска за ревизорскиот извештај, потсетуваме дека работа на секој министер е да го штити јавниот интерес и буџетот на граѓаните, без оглед на партијата на власт или на претходната. Ако министерката Весна Јаневска смета дека повикување на јавно достапен извештај од Државниот завод за ревизија и легитимно прашување за тоа што таа направила по негативните забелешки на државниот ревизор е манипулација на јавноста, тогаш министерката треба да се потсети дека е државен службеник со највисоки ингеренции.
Овие ингеренции ѝ дозволуваат да покрене постапки, процеси и механизми за заштита на јавниот интерес, особено кога државен ревизор дава негативно мислење, и да ги отстрани, а не да ги продолжува.
Ирелевантно е кој министер и која партија била на власт за време на ревизијата. Не може секој нов министер да работи во дисконтинуитет и да врти глава настрана на потврдени незаконитости од претходните гарнитури. Освен ако нема партиски договор.
Јавно ја повикуваме министерката Јаневска наместо паушална изјава за една покрената мерка – да даде детален отчет што направила за да се спроведе секоја забелешка на државниот ревизор, откако стапила на функцијата. Наодите на државниот ревизор мора да бидат сериозно сфатени, и јавниот интерес заштитен. Никој, па ни министерката за образование, не е недопирлив пред законот и пред граѓаните.



