Skip to main content
Македонија

Алиу откри како се манипулира со пациентите – „Дојдете по 16 часот приватно и веднаш ќе ве оперираме“

19/06/2026  09:01

Министерот откри дека на листите за чекање сè уште има починати лица и пациенти кои одамна се оперирани, а новиот дигитален систем треба да стави крај на злоупотребите

Министерот за здравство Азир Алиу најави сериозна дигитална реформа во јавното здравство, со која граѓаните за првпат ќе можат преку мобилен телефон да ја проверат реалната листа на чекање за операции кај секој лекар и во секоја јавна здравствена установа. Според него, новото решение ќе стави крај на манипулациите со термините и ќе ја зголеми транспарентноста во здравствениот систем.

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, Алиу рече дека Министерството секојдневно добива поплаки од пациенти кои тврдат дека им било кажувано дека за операција во државното здравство ќе чекаат со месеци, додека во приватна ординација кај истиот лекар можат да бидат оперирани веднаш.

„Пациентите нè информираат дека докторот им велел: ‘Ќе чекате три месеци за операција на државно, но ако сакате побрзо, дојдете утре после 16 часот во приватниот термин и веднаш ќе ве оперираме’. Проблемот не е цената на приватната услуга, туку тоа што пациентот нема начин да провери дали навистина е 105-ти на листата за чекање. Со новиот дигитален портал секој граѓанин ќе може преку својот мобилен телефон да ја види реалната состојба за конкретен доктор и конкретна здравствена установа“, изјави Алиу.

При подготовката на новиот систем, Министерството открило сериозни неправилности во постојните листи за чекање.

Според министерот, во системот со години останале заведени пациенти кои во меѓувреме се оперирале во приватни болници и одамна закрепнале, но формално и натаму фигурираат како лица што чекаат интервенција.

Уште позагрижувачки, како што истакна Алиу, е фактот што на листите за чекање и понатаму се евидентирани лица кои веќе подолг период се починати.

„Најдовме дека во системот со месеци и години стојат пациенти во листите на чекање. Дел од нив веќе се оперирани во приватното здравство и одамна се вратиле на работа, а кај нас сè уште се водат како пациенти кои чекаат операција. Но, уште пострашно е што на листите сè уште има и лица кои веќе со години не се меѓу живите“, нагласи министерот.

Тој објасни дека расчистувањето на ваквите фиктивни записи не може да се направи автоматски, бидејќи законската регулатива не дозволува административно бришење на пациентите од системот. Затоа, медицинските тимови мораат рачно да ја проверуваат секоја евиденција, пациент по пациент, за листите целосно да се ажурираат.

Алиу потенцираше дека новиот дигитален модул не ја чинел државата ниту еден денар, бидејќи бил развиен од домашните ИТ-тимови во рамките на постојниот електронски систем.

„Оваа реформа ја правиме со нула денари. Не вложивме дополнителни средства, туку нашите ИТ-инженери го изработија новиот модул. Сега граѓаните ќе можат сами да ја проверат состојбата. Останува предизвикот навремено да се ажурираат податоците во болниците, но убедени сме дека со текот на времето листите ќе станат целосно реални и во нив повеќе нема да има ниту починати лица, ниту пациенти на кои услугата одамна им е завршена“, порача министерот.