Skip to main content
Македонија

Алијанса на Таравари утре ќе решава дали на изборите ќе настапи сама или со ВЛЕН

14/04/2025  14:21

Алијанса за Албанците на Таравари утре ќе пресече – на престојните локални избори да настапат како дел од коалцијата ВЛЕН или да истрчаат сами и да си ја испробаат силата на терен. Тој смета дека во одредни општини во кои доминира албанското население, неговата партија може да добие повеќе гласови ако настапи сама, отколку како дел од коалицијата ВЛЕН, со која дојде на власт.

„Имаме две опции – една да продолжиме со ВЛЕН и второ да излеземе сами. Изборот е меѓу овие две опции, нема трета опција. Имаме одредени општини каде што сметаме дека и сами би направиле добар резултат – Гостивар, Врапчиште, Дебар, Боговиње, Теарце, Сарај… Не мислиме дека ќе победиме туку дека може да направиме добар резултат. Меѓутоа ајде да видиме, на крај граѓаните одлучуваат“, изјави Таравари.
Таравари повторно демантираше дека се сретнал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и дека неговата партија преговара со интергративците за евентуална соработка пред изборите. Откри дека освен во петокот, се сретнал со коалициските партнери од ВЛЕН неколу пати и за време на викендот. Но, призна дека и покрај разговортите договор се уште нема.

Лидерот на АА не сакаше да ја коментира изјавата на неговиот парнер во ВЛЕН, лидерот на „Беса„ Билал Касами, кој рече дека тој што ќе се оддели од групата ќе го јаде волкот. Таравари само кусо одговори:

„За Билал Касами не би сакал да коментирам, тоа е негов став. Мислам дека избрзува кога дава изјави, меѓутоа тоа е негова работа“ рече Таравари.

Превирањата во Вреди излегоа на површина откако лидерот на Алијанса излезе со ставот дека можеби е подобро на изборите секоја од партиите да настапи сама. Ова ги разлути Касами, Меџити и Ибрахими кои отворено побараа Таравари да се определи дали останува со нив во Владата или пак, ќе ја напуштио коалицијата.