Skip to main content
Македонија

Активни девет пожари на отворен простор, четири ставени под контрола

08/09/2026  14:05

Во државата до 13 часот се регистрирани вкупно 16 пожари на отворен простор, од кои девет се активни, четири се ставени под контрола, а три се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според податоците на ЦУК, активни се пожарите на потегот меѓу селата Буринец, Локов, Селце и Елевци во Општина Струга, кај селото Белица во Општина Македонски Брод, кај селото Бенче во истата општина, како и во атарот на селото Кнежино на месноста Црн Камен во Кичевско.

Активни пожари има и кај селото Гајре во Тетовско, во атарот на селото Палатица во Општина Желино, како и кај селата Печково и Падалиште во Гостиварско и кај селото Долгаец во Општина Долнени.

Под контрола се ставени пожарите кај селото Тајмиште во Кичевско, кај селото Копаница во Општина Сарај, на градската депонија во Делчево и кај селото Брест на месноста Рамно во Општина Чучер-Сандево.

Во текот на денешниот ден изгаснати се три пожари, и тоа кај селото Ситник во Општина Ново Село, во близина на Новите гробишта во Прилеп и кај Градските гробишта во Крушево.