
Само 72 часа откако премиерот Христијан Мицкоски јавно ја увери нацијата дека сите угостителски објекти што работат ги исполнуваат техничките услови, реалноста на терен го демантираше на најдраматичен начин. Упадот на полицијата и инспекциите на концертот на Аца Лукас во Кавадарци разоткри системски хаос: кафетерија претворена во концертна сала, двојно надминат капацитет и масовно затајување данок.
Во вторникот, одговарајќи на новинарско прашање дали граѓаните можат да се чувствуваат безбедни кога излегуваат во ноќни клубови и дискотеки, премиерот беше дециден. „Апсолутно сите, оние кои денеска работат и функционираат, ги исполнуваат минимално-техничките услови,“ изјави тогаш претседателот на Владата.
Но, случувањата во петокот вечерта во објектот „Рома“ во Кавадарци покажаа сосема поинаква слика за безбедноста и легалноста.
Кафетерија со амбиции на стадион: 500 луѓе во простор за 200
Според документацијата до која дојде Канал 5, објектот каде што настапувала балканската ѕвезда воопшто не е регистриран за такви настани. Локалот „Рома“ се води како кафетерија и немал никаква дозвола за организирање музички настани од таков обем.
Најзагрижувачкиот податок, кој директно кореспондира со стравот за безбедноста на граѓаните, е бројот на присутни. Максимален дозволен капацитет: 200 лица. Присутни во моментот на контролата: 500 лица. Ова значи дека во објектот имало 2,5 пати повеќе луѓе од безбедносниот максимум, создавајќи сериозен ризик од стампедо или неможност за евакуација во случај на несреќа.
извор 4NEWS.mk

