
Во Скопје денеска ќе бидат промовирани мрежа на националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина „Соседите помагаат први“ и Интервентна единица за одговор при катастрофи на републичкиот Црвен крст.
Регионалната мрежа „Соседите помагаат први“ има за цел да го зајакне партнерството меѓу националните друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина во Југоисточна Европа и пошироко. Мрежата се стреми кон поефективно справување со катастрофи и кризи, размена на најдобри практики и зајакнување на видливоста на регионот во хуманитарната заедница. Покрај тоа, таа се фокусира на развивање одржливи начини за мобилизирање на ресурси, како и заеднички проекти и апликации кон ЕУ и други извори за финансирање, со цел обезбедување на ефективни и долгорочни хуманитарни активности, информира во најавата организаторот на настанот, Републичкиот црвен крст.
Според најавата, на настанот ќе се обратат генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ Саит Саити, министерите за одбрана Владо Мисајловски и за здравство, Азир Алиу, заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени, претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност Павле Арсоски и извршниот претседател на Хрватски Црвен крст Роберт Маркт.
