
Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ вечер од 18 часот во мултимедијалната читалница на НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје ќе ја промовира монографијата „75 години Танец“ која содржи материјали од архивата на ансамблот.
– Ова значајно издание, кое го трасира богатиот пат и наследство на „Танец“ во текот на седум и пол децении, претставува ризница на документи, фотографии и сведоштва за неговата културна мисија како најзначаен презентер на македонското фолклорно творештво. Ова капитално монографско дело е резултат на темелното истражување и архивирање на историската граѓа на институцијата, соопшти „Танец“.
Ансамблот „Танец“, симбол на македонската традиција и култура, официјано е формиран во мај 1949 година со указ од тогашната влада и со цел да го одржува, негува, чува и збогатува македонскиот фолкор.
