
Четири лица, меѓу кои едно дете и еден германски државјанин, се спасени од планината Водно откако останаа заглавени поради лошите временски услови и прекинот на електричната енергија на жичарата.
Според Министерството за внатрешни работи (МВР), првичната пријава била примена околу 16 часот, а се однесувала на лица заглавени во гондола. Иако струјата подоцна била вратена и лицата успеале да стигнат до врвот на Водно, тие не можеле да се спуштат поради неповолните временски услови и повторниот прекин на електричната енергија.
„Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција (ЕИП) и Единицата за брзо распоредување (ЕБР) презедоа активности за пронаоѓање и спасување на лицата, по што тие безбедно, во придружба на полициските службеници, се спуштија кон Скопје“, стои во соопштението од МВР.
Во акцијата учествувале полициски службеници од ЕИП, ЕБР и одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје.
