Skip to main content
Македонија

Началникот на Генералштабот, Лафчиски на Координативната конференција на командантите на јужното крило на НАТО

17/11/2025  08:33

На покана на командантот на Командата на здружени сили – Неапол (Joint Force Command Naples – JFC Naples), делегација на Армијата предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од денеска до 19 ноември ќе учествува на Координативна конференција на командантите на јужното крило на НАТО, која ќе се одржи во Неапол, Република Италија.

На конференцијата ќе учествуваат началниците на генералштабовите на армиите од регионот и претставници од партнерските земји на НАТО, а ќе се дискутира за теми од стратешко значење за Алијансата, регионалните планови на НАТО, како и активностите под надлежност на Здружената команда на НАТО силите во Неапол.

Како што информира Канцеларијата за воени односи со јавноста на ГШ на Армијата, конференцијата ќе заврши со церемонија на примопредавање на должноста Командант на JFC Naples, на која адмирал Стјуарт Манч ќе ја предаде должноста на адмирал Џорџ Викоф.