Skip to main content
Македонија

СДСМ: Недозволив молк за најстрашниот скандал со операциите, дали власта се обидува да го заташка?

16/11/2025  11:34

Прес конференција на Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ:

Почитувани граѓани,

Поминуваат денови од откривањето на еден од најстрашните скандали во македонското здравство со непотребни операции на срце направени во приватни клиники.

Наместо експресна реакција, наместо објавување на сите информации, наместо одговорност власта со денови молчи.

Сè уште нема изнесено целосни информации пред граѓаните, не е објавен извештајот, инволвираните, кои се лекарите, кои се приватните клиники.

Се крие од јавноста кој од докторите дал индикации за операциите. И сè уште нема поднесено ниту една кривична пријава.

Не може злоупотреба на здравствената професија за профит на поединци вака да се третира.

Што се чека?  Како некој да се обидува да го заташка овој монструозен случај.

Дали некому му се дава време да ги сокрие трагите, да „исчисти” документи?

Вакво однесување е неспоиво со одговорна, транспарентна и сериозна држава.

Емоцијата на скандалот е поголема од бројките затоа што станува збор за човечки животи. Зборуваме за луѓе кои преживеале пекол а сега дознаваат дека нивната операција била непотребна. Дека некој ги гледал како профит, како средство за нечие богатење.

Не може вакви скандали да се заташкаат.

СДСМ ќе се бори за објавување на целата вистина и за одговорност.

Бараме:

1.Итно јавно објавување на извештајот, во фазата во која се наоѓа, без доработки и без прикривање.

2.Објавување на сите имиња на доктори кои дале индикација за операциите. Ова е клучно за понатамошната разврска на случајот.

3.Објавување на имињата на сите приватни клиники и субјекти вклучени во процесот и носењето одлуки

4.Веднаш поднесување кривични пријави без никакво одложување.

5.Психолошка и правна поддршка за пациентите и за семејствата кои поминале низ овој кошмар.

Ова е тежок скандал кој мора да биде третиран со максимална транспарентност и максимална одговорност.

Јавноста ја заслужува целата вистина. Секој што учествувал во овој монструозен синџир мора да одговара.