Skip to main content
Македонија

Кривичната пријава против мене е неосновата, тоа е хајка, рече Беџети

14/11/2025  18:14

Пратеникот од ДУИ и поранешен градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, денеска на прес-конференција во Собранието, нагласи дека кривичната пријава поднесена против него и уште неколку лица е „политички монтирана и правно неоснована“.

Пријавата, поднесена вчера од Управата за финансиска полиција, го товари Беџети за проневера на 108 милиони денари (околу 1,7 милиони евра) преку наводна измислена урбанизација, лажна дозвола за градба и „технички преглед“ на нелегално изграден објект во Глумово.

Беџети тврди дека пријавата е дел од организирана хајка, режирана директно од премиерот Христијан Мицкоски, со јасна цел: да се изврши притисок врз него како пратеник за да се зголеми парламентарното мнозинство.

„Денеска јавно порачувам дека ниту јас, ниту кој било друг од пратениците на ДУИ не се плаши и нема да попушти пред притисоците на власта. Кривичната пријава поднесена од страна на Финансиската полиција е целосно неоснована“, порача Беџети.

Пратеникот најави дека против директорот на Финансиската полиција, Слободан Ивановски, заменик-директорот Илбер Имери и уште две лица, ќе поднесе соодветна пријава, обвинувајќи ги дека учествувале како „организирана банда во оваа политичка хајка“.

Беџети ги отфрли обвинувањата на Финансиската полиција дека дозволата за градба била издадена без Детален урбанистички план (ДУП). Тој рече дека ДУП-от бил донесен кога тој бил градоначалник, а министер и градоначалник на Скопје биле од ВМРО-ДПМНЕ.

„Постои Детален урбанистички план. Законот за градење дозволува издавање на одобрение врз основа на важечки план или урбанистички проект. Токму така и било постапено, не постои материјална штета, ниту еден денар загуба за општината“, нагласи Беџети, додавајќи дека станува збор за „измислица за да се прави медиумски спектакл“.

Беџети заклучи со порака до власта: „Никој од пратениците на ДУИ нема да потклекне на вашите притисоци и да премине во ВЛЕН, а најмалку јас“.