
Со еден глас против и еден воздржан, Советот на Град Скопје денеска го усвои ребалансот на градскиот буџет, кој, според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, претставува „ребаланс за закрепнување“ и нов почеток за градот и јавните претпријатија.
„Обезбедуваме средства за плати, кратиме непродуктивни трошоци и го отвораме патот за реални проекти,“ порача градоначалникот, заблагодарувајќи им се на советниците за поддршката и конструктивниот пристап.
Ребалансот носи значителни промени: буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции се зголемуваат за речиси 98,9 милиони денари. Ѓорѓиевски нагласи дека ова е јасна порака дека нема да има нови нерационални задолжувања, туку насока кон „нови решенија и нови проекти“.
Во делот на јавниот превоз, градоначалникот најави дека приватните превозници се враќаат на линиите, додека Градот и Министерството за транспорт работат на повторно пуштање во погон на Градскиот воз. Во тек е процедурата на Владата за набавка на 80 нови автобуси, а Градот го отвора и процесот за разгледување на БРТ-системот.
Сериозни инвестиции се најавуваат и во образованието: до крајот на годината училиштата ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, смарт табли, информатички кабинети и лаптопи за секој првенец на генерација. Ќе се реши и хроничниот недостаток од столчиња и училишни клупи.
Ребалансот го отвора патот и за повеќе зелени проекти, меѓу кои паркот „Христијан Тодоровски – Карпош“, паркот „Лепенец“ и изградбата на 50 нови помали паркови низ градот.
Во делот на инфраструктурата, стартуваат проектите што со години се во застој: реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“, изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, трета лента на булевар „Александар Македонски“, првата фаза од булевар „Хрватска“, булевар „АСНОМ“ и клучката кај „Момин Поток“. Средства се обезбедуваат и за изработка на проектни решенија за повеќе улици и за надомест на експропријација, со што се отвора можност за реализација на крупни булеварски проекти, меѓу кои и булеварот „Борис Трајковски“.
„Времето на стагнација заврши. Скопје повторно оди напред,“ изјави Ѓорѓиевски. „Знам колку длабоко градот е во финансиски амбис, но нема да отстапиме. Ова е само првиот чекор – продолжуваме уште посилно.“

