
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека неговата влада ќе ја тужи Европската Унија поради одлуката од минатиот месец за постепено суспендирање на увозот на руски гас, објавува британскиот весник „Гардијан“.
„Не го прифаќаме ова очигледно нелегално решение кое е спротивно на европските вредности, кое Брисел го избра за да ја блокира владата на земја која не се согласува со него. Ова повеќе не се санкции, туку мерка на трговска политика. Ќе се обратиме до Европскиот суд на правдата“, рече Орбан во интервју за државното радио.
Земјите од ЕУ се согласија минатиот месец постепено да го суспендираат преостанатиот увоз на гас од Русија до крајот на 2027 година, како одговор на руската инвазија на Украина.
Унгарија останува во голема мера зависна од рускиот увоз на енергија, и покрај одлуката на ЕУ.

