Skip to main content
Култура

„Години на опасно живеење“ — вечер на перформанси, проекции и музика

14/11/2025  13:06

Овој викенд, Интеркултурен хаб Скопје ja организира мултимедијалната вечер „Години на опасно живеење“ — програма која ги спојува перформансот, филмот, видеото, графичкиот дизајн и електронската музика во едно урбано искуство. Учествуваат шестмина млади авторки и автори кои се дел од најживата и најпрогресивна линија на скопската културна сцена: критички настроени кон стварноста, бескомпромисни во експериментот и отворени кон деконструкција на општествените норми.

Крсто Глигорјадис, „Вештини за оживување“ (перформанс)

„Отфрлајќи ја заблудата дека да се биде жив значи само да се чувствуваме добро, ние се поддржуваме себеси и едни со други за да чувствуваме сè, безбедни во нашата грижлива заедница.“ – мултидисциплинарна изведба што го третира телото како место на отпор и исцелување; го преиспитува патријархалниот наратив и ја реафирмира ранливоста како трансформативна сила.

Ана В’чкова, „ТАА“, 5’38’’ (видео)

„Нередот во нас тивко се огледува и надвор од нас, но ретко – речиси никогаш – му дозволуваме да се открие. Делото е дијалог и катарза, патување низ хаосот што го носиме во себе, низ неговото негирање и неговото прифаќање – во постојана потрага по мир во современиот немир. Дали навистина треба да се „прочистиме” од сите „нечистотии”, или можеби токму тие се траги на нашата човечност, делови што општествениот идеал се обидува да ги избрише.“

Батухан Ибрахим, „Мавера“ (краток филм)

„Инспирирани од вистински настани, ликовите се огледало на народот кој секојдневно се соочува со апсурдни административни лавиринти. Последниот чин на Билјана е нејзин личен, но и колективен крик, излевање на гневот кон системот што ја задушува. Црно-белата естетика ја отсликува клаустрофобијата и безнадежноста. Перцепцијата на Билјана е единствената реалност, додека сите други ликови се обезличени, без идентитети и со заматени гласови – така, приказната станува универзална…“

Теано Кардула, „Без насока“ (проекција на постери и графички дизајни)

„Без насока“ е збир на спонтани креации инспирирани од актуелни случувања и лични доживувања. Делата комуницираат општествени промени и потсетуваат на заборавени, но повторно релевантни истории. Различните стилови и визуелни пристапи го отсликуваат процесот на себеистражување и барањето на визуелен јазик кој најдобро ја пренесува пораката на секое дело. Графичкиот дизајн не е само естетика – тој зборува и сведочи за светот околу нас.

Соња Исмаил, Диџеј сет

Енергија што го бранува подиумот и гради заедница. Сет без жанровски корсети што ослободува и движи.

Диџеј Џоџо-Ѓорги Пулевски, Диџеј сет

Длабок бас и топли мелодии; звучен мост меѓу сцена, улица и заедница. Од хип-хоп до диско и хаус — сет што раскажува урбани приказни.

Оваа вечер е посветена на независната сцена, феминистичката и ЛГБТИ+ уметноста, како и културите на помалите заедници — сегменти што со години добиваат недоволна институционална поддршка. Поддршката на овие практики е вложување во плурализмот и различноста како носечки столб на современите културни политики. Со програмата „Години на опасно живеење“ им даваме соодветна сцена на млади, но веќе докажани автор(к)и, отворајќи простор за емпатија, критичка мисла и културен активизам во градот.

Овој настан од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на КСП Центар – Јадро, во партнерство со ЗГ Есперанца Светски културен центар и Институтот за медиуми и аналитика ИМА е поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.