Skip to main content
Економија

Левица: Буџетот наместо развој нуди нов циклус на задолжувања и безнадежност

13/11/2025  10:28

Соопштение на Левица:

Буџетот од 6,7 милијарди евра, најобемен во историјата на Македонија, кој како „развоен и стабилизациски” документ до Собранието го достави владата на ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ не само што не е развоен, туку е длабоко потрошувачки и ризичен документ кој ја турка државата во нов циклус на задолжување без реален економски раст. Вака планираниот не стимулира продуктивност и инвестиции и не создава нова вредност. Напротив, тој ја цементира зависноста од јавната потрошувачка и краткорочните политички ефекти. 

Капиталните инвестиции учествуваат со само 9,7% од вкупните расходи што е алармантно ниско ниво. Тоа значи дека државата троши за тековни потреби, наместо да инвестира во иднината. Со ваков пристап не се гради економија туку се купува социјален мир.

Особено загрижува што 31% од приходите се обезбедуваат преку ново задолжување. Тоа значи дека секој трет денар што државата ќе го потроши е позајмен. Дополнително 1,25 милијарди евра се за отплата на стари долгови, што претставува речиси петтина од буџетот. Со други зборови, државата работи за да враќа стари долгови, а во исто време зема нови кредити што директно води кон фискална нестабилност. Само за камати, наредната година треба да се исплатат 346 милиони евра.

Во структурата на расходите од новиот буџет, јасно се гледа приоритетот на оваа власт – политички опстанок, а не јавен интерес. Наместо инвестиции во здравство, образование, социјална сигурност и квалитет на живот, Владата се одлучи да штеди токму на тие сектори кои ја држат државата исправена.

Средствата за заштита на животната средина и намалување на загадувањето се намалуваат, во земја која и онака се гуши во смог секоја зима. Во здравството, буџетот предвидува намалување на медицински материјали и опрема, со што се сведуваме на ниво на стандард на најнеразвиените држави.

Образованието, наместо да биде двигател на развојот, повторно е жртва на кратења – со помалку пари за предшколско, основно образование и научно-истражувачка работа. Не поминаа ниту социјалните категории. Намалени се средствата за заштита од болест и инвалидитет, како и за стари лица и детска заштита, во земја каде секое второ дете живее на работ на сиромаштија.

Особено алармантно е над 50% кратење на средствата за Агенцијата за стоковни резерви, што во услови на глобални кризи значи дека државата останува без стратегиска заштита на граѓаните во случај на шокови со храна и енергија. Дополнително, се кратат и пари за Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, што директно ги погодува македонските земјоделци.

Дури и правосудството не е поштедено. Намалување на средствата за судската власт и Јавното обвинителство, за повеќе од 2,2 милиони евра, е уште еден јасен сигнал дека правната држава не е приоритет.

Овој буџет е огледало на власт што ја изгубила врската со реалноста на сопствените граѓани. Наместо да гради економија, гради илузија! Наместо да инвестира во иднината, купува време! Се кратат средства таму каде што државата треба да биде најсилна: здравство, образование, социјална сигурност и правда.

Со ваков буџет, државата не се движи напред туку тапка во место и сè повеќе тоне во долгови, сиромаштија и безнадежност.