
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по акцијата за чистење на големата депонија пред влезот на Градските гробишта во Бутел, порача дека овие простори мора да бидат места на спомен, почит и тишина, а не на запуштеност и неред.
„На градските гробишта мора да владеат достоинство и ред. Тоа се места на спомен, почит и тишина, а не на неред и запуштеност. Секој од нас има таму некој близок и затоа непријатни глетки и депонии нема да бидат дозволени“, напиша Ѓорѓиевски.
Големата депонија што со години се создаваше на паркингот пред влезот во гробиштата, каде што се наоѓа и автобуската постојка, е конечно целосно исчистена. Во рамките на акцијата, од страна на управата е поставена и заштитна ограда со цел да се спречат идни загадувања и повторно создавање на диви депонии.
„Ќе продолжиме посветено да се грижиме!“, порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави и нови мерки за ред и хигиена во овој простор. Тој побара да се воспостави чуварска служба на сите влезови од гробиштата, со јасна задача да се одржува редот, да се спречи внесување отпад и несовесно однесување.
„На гробиштата не смее да има смет, ѓубре и неред. Овие места заслужуваат мир и достоинство, какво што им доликува“, истакна тој.
Со оваа акција, Град Скопје продолжува со континуираните активности за чистење и уредување на јавните површини, кои во последниот период се интензивирани на повеќе локации во главниот град. Целта, според градските власти, е не само да се подобри хигиената, туку и да се врати чувството на ред, почит и одговорност кон јавниот простор.

