Skip to main content
Спорт

Голем скандал ја тресе Турција: Претседател и над 1.000 фудбалери суспендирани за местење натпревари

11/11/2025  00:11

Голем скандал ја потресе турската фудбалска сцена. Осум лица, меѓу кои и претседателот на прволигашот Ејупспор, Мурат Озкај, беа уапсени под сомнение за местење резултати на натпревари.

Истовремено, Турската фудбалска федерација (ТФФ) суспендираше 1.024 фудбалери и отвори дисциплински истраги против нив. Ова следува откако минатата недела беа суспендирани и 149 фудбалски судии кои, според истрагата, активно се обложувале на натпревари.

Од вкупниот број суспендирани играчи, 27 доаѓаат од клубови од Првата турска лига, меѓу кои и од големите гиганти Галатасарај и Бешикташ. Локалните медиуми јавуваат дека дел од играчите беа под истрага веќе неколку недели, а некои беа фатени со конкретни докази за нелегално обложување.

Поради огромниот број суспендирани играчи, ТФФ побара од ФИФА итно одобрување на посебен 15-дневен трансфер-период, со цел клубовите да ги пополнат празните места во составите.

Во меѓувреме, натпреварувањата во Втората и Третата лига се суспендирани во наредните две недели, додека трае деталната истрага за обложувањето и местењето резултати.

Овој скандал е најголем во турскиот фудбал по повеќе од една деценија, кога беше уапсен поранешниот претседател на Фенербахче, Азиз Јилдирим, под слични обвиненија.