Владите на Северна Македонија и на Косово денеска напладне во Приштина ќе одржат заедничка седница.
Според агендата што ја објавија двете влади, по официјалната церемонија, предвидено е пред почетокот на меѓувладината седница, односно од 11:20 часот да се одржи тет-а-тет средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Косово, Албин Курти, како и тет-а-тет средби помеѓу министрите од двете Влади.
По завршување на меѓувладината седница, ќе се потпишат билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области.
Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини каде се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Северна Македонија.
Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан” и „Јажинце-Глобочица”. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.
Третиот документ кој ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави, имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.
Воедно, во 13:45 часот заедничка прес-конференција ќе одржат претседателот на Владата на Република Северна Македонија Мицкоски и претседателот на Владата на Република Косово, Курти.
Владата на Косово, во пресрет на заедничката седница на владите на двете држави , вчера одржа електронска седница, на која усвои две иницијативи поврзани со соработката со Северна Македонија.