Skip to main content
Македонија

Зголемен број на предвремено родени бебиња поради загадениот воздух

18/11/2024  00:09

Загадениот воздух е еден од значајните ризик фактори за предвремено породување, истакна д-р Ирена Алексиоска Папестиев, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), на одбележувањето на Светскиот ден на предвремено родените бебиња – 17 ноември.

„Сѐ повеќе податоци говорат дека загадениот воздух влијае на зголемувањето на предвремените породувања, по што пациентките и нивните бебиња често завршуваат на интензивна нега,“ изјави Папестиев.

Според податоците, минатата година во Македонија биле регистрирани 604 предвремено родени бебиња, додека оваа година, бројот е значително зголемен, достигнувајќи 681 предвремено породување, и тоа со повеќе од 40 денови до крајот на годината.

Овој раст ги потврдува алармантните трендови за кои алармираат здравствените експерти. Загадувањето на воздухот, особено во урбаните средини, веќе подолго време е препознаено како сериозна закана за здравјето на населението, а сега се покажува и како директен фактор што го загрозува најранливиот дел од популацијата – новороденчињата.

Борбата со загадениот воздух останува еден од најважните приоритети за заштита на здравјето на идните мајки и новороденчињата, а здравствените власти повикуваат на итни мерки за намалување на штетните честички во воздухот.