
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека „донел одлука“ за продажба на ракети „Томахавк“ со долг дострел на земјите-членки на НАТО, со цел дел од нив потоа да бидат испорачани во Украина.
Украинските власти оценија дека овој тип ракети би овозможиле Киев да напаѓа воени цели длабоко во Русија и би помогнале во одвраќањето на рускиот претседател Владимир Путин, со што Москва би била принудена да преговара под поповолни услови.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата остро реагираше, предупредувајќи дека испораката на „Томахавци“ во Украина би претставувала „сосема нова, квалитативно нова фаза на ескалација“. Тој нагласи дека Украина нема да може да ги користи овие ракети без директно учество на САД, што – според него – би довело до директен конфликт меѓу Русија и САД и би го уништило секој позитивен напредок во односите меѓу двете земји.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, за време на нивниот состанок со Трамп на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации минатиот месец, побара од американскиот лидер да ѝ обезбеди на Украина ракети „Томахавк“ кои би ѝ овозможиле да погодува цели дури и во Москва.
Експертите, пак, пред неколку дена за „Ројтерс“ изјавија дека малку е веројатно дека Вашингтон навистина ќе се реши да испорача „Томахавк“ на Украина, поради ризикот од директна конфронтација со Русија.