Skip to main content
Македонија

Мицкоски: СДСМ имаа 7 години можност да мислат за нашиот заеднички дом, а наместо тоа мислеа на сопствениот џеб

05/10/2025  20:23

На денешниот народен митинг во Босилово во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на самиот почеток испрати порака до СДС со цел, како што рече, да извлечат поука од погрешните политики во минатото.

„Да испратиме порака и до нашиот политички противник за да извлече поука за погрешните политики коишто ги водеше во минатото, а гледам дека и во оваа кампања од првиот ден тие континуирано од грешка во грешка влегуваат, тие од првиот ден почнаа брутална црна кампања, полна со ниски страсти најчесто напаѓајќи ме мене, преку конструкции, да дефокусираат со невистини. Што имаат тие да кажат ако не водат црна кампања, што направија по што ќе останат запаметени? Треба да им простиме, и да ги оставиме во нивното политичко мочуриште да тонат“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски во своето обраќање посочи дел од дилемите на граѓаните кои ги имаат во однос на слоганот на СДС, и дали под дом се подразбираат хациендите на Халкидики и во Дубаи.

„Би сакал неколку реченици да кажам и за слоганот на нашиот политички противник, којшто вели дека ќе се бореле за нивниот дом, често ми го поставуваат прашањето: Претседателе за кој дом мислат? Дали мислат за домот во Дубаи, дали мислат за хациендата на Халкидики, фирмите во Петрич и Сандански или пак можеби за онаа јахта коишто сите можевме да ја видиме, имаат луѓето дилема. Мојот одговор е секогаш дека тие имаа седум години можност да мислат за нашиот заеднички дом, а нашиот заеднички дом е нашата татковина Македонија, тие мислеа за својот џеб, и затоа денеска некогаш големата СДСМ се наоѓа под психолошкиот и биолошки минимум, и на овие избори нивен главен предизвик ќе биде дали ќе освојат 110, 120, или 130 илјади гласа“, истакна Мицкоски.