
Истражувачи од Универзитетот во Орегон објавија дека комбинацијата од два лекови покажала охрабрувачки резултати во помагањето на заздравувањето на хронични рани. Тестовите на новата терапија покажале дека таа е способна да ги уништи бактериите што се присутни во хронични инфекции на рани, а тоа може да помогне во намалување на ризикот од тешки инфекции што понекогаш водат до ампутации.
Комбинацијата ги користи долго познатите супстанции, кои сами по себе имаат мал ефект против тешко лекуваните патогени, првенствено бактериите Pseudomonas aeruginosa. Меѓутоа, со додавање мали дози на молекула наречена хлорат на стандардните антибиотици, комбинацијата се покажала како 10.000 пати поефикасна во убивањето на бактериите во лабораториски услови отколку антибиотици поединечно.
„Доколку наодите од студијата можат да се пренесат на луѓето, тие би можеле да помогнат во скратувањето на времето за земање антибиотици и намалување на ризикот од токсичност“, изјави Мелани Сперо, професорка по биологија на Универзитетот во Охајо.
Проблемите при лечење на хронични рани произлегуваат од ограниченото снабдување со кислород и присуството на бавно растечки бактерии, кои се отпорни на конвенционалните антибиотици. Комбинирањето на антибиотиците со хлорат ги прави бактериите исклучително чувствителни и ја зголемува ефикасноста на третманот.
Сперо посочува дека хлоратот, безопасен за луѓето во ниски дози, може да ги претвори антибиотиците од слаби во моќни убивачи на бактерии, како во клеточни култури, така и кај лабораториски глувци. Најновата студија покажува дека овој пристап може да ја намали потребната доза на антибиотици и да ја зајакне борбата против патогенот P. aeruginosa.