Skip to main content
Скопје

Грејната сезона во Скопје започнува порано поради пад на температурите

01/10/2025  12:02

Ја информираме јавноста дека од 2 октомври 2025 година започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ.

Грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, но согласно регулативата може да почне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12˚С. Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, за 2 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 10˚С со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ. Исто така, сè до 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден, соопшти АД ЕСМ.

„Навременото снабдување со топлинска енергија е клучно за комфорот на нашите потрошувачи. Затоа повторно апелираме до сите корисници да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации бидејќи редовното одржување е нивна обврска и заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација.

Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.

Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина, кој е достапен на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100“, стои во соопштението од АД ЕСМ.