
Обединетите Арапски Емирати го повикаа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја поддржи мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа и да се откаже од плановите за анексија на Западниот Брег, јави „Ројтерс“ повикувајќи се на дипломатски извори.
Емиратите, кои ги нормализираа односите со Израел во рамки на Абрахамските договори, предупредија дека евентуална анексија би ја блокирала можноста за понатамошна нормализација со водечките арапски и муслимански држави, вклучително и Саудиска Арабија и Индонезија.
Ставот на Абу Даби му бил пренесен на Нетанјаху од шефот на дипломатијата на Емиратите, шеик Абдулах бин Зајед, на средба во Њујорк за време на Генералното собрание на ОН.
Во меѓувреме, Нетанјаху престојува во Вашингтон, каде што денеска има средби со Трамп. Се очекува двајцата лидери да разговараат за нов мировен предлог од 21 точка за Газа, а подоцна е најавена и заедничка прес-конференција.